
Министерството за надворешни работи на Србија реагираше на новите инциденти со симболи и пораки поврзани со идеологијата од Втората светска војна, кои повторно се појавуваат во Хрватска. Според Белград, овие појави предизвикуваат страв и загриженост, имајќи предвид дека токму таа идеологија донесе масовно страдање на српскиот, ромскиот и еврејскиот народ.
„Јавните собири не смеат да се претворат во сцена за ширење омраза, историски ревизионизам и нетолеранција. Тие треба да бидат прилика за градење меѓусебно почитување и толеранција“, порача српското МНР.
Од министерството потсетија дека трајната стабилност во регионот може да се обезбеди само преку отворен дијалог, меѓусебно почитување и внимателен пристап кон чувствителните делови од заедничката историја. Исто така, Србија го повика Загреб, како членка на Европската унија, активно да придонесува за промовирање на толеранција и подобрување на добрососедските односи.
Повод за соопштението беа неодамнешните јавни настани во Хрватска. На плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб, навивачите ја поздравија хрватската ракометна репрезентација по освоената бронза на Европското првенство во Данска, а контроверзниот пејач Марко Перковиќ Томпсон настапи на официјалниот прием организиран од Владата, и покрај забраната од градските власти.























