Од полициската станица во Дољевац исчезнале повеќе од 500 парчиња оружје – пиштоли, пушки и муниција, дознава ексклузивно телевизијата N1. Според нивни извори, станува збор за оружје кое граѓаните го предале во полиција по наредба, а голем дел од него било функционално и целосно употребливо.
Ова не е прв случај од ваков вид. Пред две години, од полициската станица во нишката населба Пантелеј исчезнаа неколку стотини пиштоли, но јавноста сè уште не доби одговор каде завршило тоа оружје. Сега, повторно во рамките на истата Полициска управа, се случува нов скандал.
Министерството за внатрешни работи на Србија засега не дава официјален одговор за случајот. Според незванични информации, во Полициската управа во Ниш е покрената внатрешна контрола и се испитува исчезнувањето.
Настанот потсетува на процесот што и натаму се води пред нишките судови за исчезнато оружје во 2023 година од станицата во Пантелеј. Тогаш дел од оружјето, според сомнежи, завршило на црниот пазар, а обвинети беа полицаецот Даниел М. и уште три лица блиски до него. Иако обвинението опфати само три најдени пиштоли, медиумите пишуваа дека исчезнале значително повеќе.