Две традиционални македонски песни – „Софка на татко“ и „Елено ќерко“ – станаа централна тема на јавна и културна дебата во северниот дел на Грција, откако на локална прослава беа спречени да се изведат со оригиналните текстови. Овој случај предизвика силни реакции и привлече внимание како кај грчката така и кај македонската јавност.
Инцидентот се случил на традиционалната празнична манифестација поврзана со локалниот обичај „Огнови“, кога грчкиот бенд Банда Ентопика, познат по својот балкански репертоар на повеќе јазици, почнал да ги изведува овие народни песни на локалниот словенски дијалект. Според сведочења, градоначалникот на општина Лерин интервенирал и им наредил на музичарите да ја прекинат изведбата на македонски текстови, по што бендот продолжил со други композиции и инструментални изведби.
Од страна на музичарите и поддржувачите беше оцено дека музиката треба да ги поврзува луѓето, а не да создава конфликти. Тие истакнаа дека нивниот репертоар е дел од богатиот балкански музички фолклор и не содржи елементи на омраза или провокација.
Случајот предизвика широка јавна дебата и во грчките медиуми, каде некои ја критикуваа одлуката на локалните власти како обид за ограничување на уметничката слобода и културното изразување, додека други нагласуваат дека, во контекст на регионалната историја и културни чувствителности, потребно е внимателно управување со традиционалните и јазични различности.
Грчката пратеничка Пети Перка јавно го осуди постапувањето на градоначалникот, нагласувајќи дека цензурата врз музиката и традицијата е неприфатлива и дека културната разновидност треба да се слави, а не да се потиснува.



























