Жителите на селото Иперија во регионот Лариса утрово добија официјално предупредување од грчките власти да се преселат во градот Фарсала поради сериозен ризик од излевање на реката Енипејас, објави „Катимерини“.
Цивилната заштита апелира до сите кои живеат во близина на речното корито да останат во состојба на целосна готовност. Истовремено, предупредувања за можна превентивна евакуација се издадени и во повеќе други населени места, меѓу кои Лефкија, Орфанаса, Ампелонас, Филос и Илиас.
Зголемените водостоји и опасноста од брзо и неконтролирано излевање на реката ја поттикнаа препораката жителите на Иперија навреме да се преместат во побезбедните делови на регионот. Властите ги повикуваат граѓаните внимателно да ги следат официјалните инструкции, да избегнуваат движење во близина на реката и да бидат подготвени за итна евакуација доколку ситуацијата дополнително се влоши.



























