
Утрово во Загреб настана вознемиреност откако повеќе средни училишта беа цел на заканувачки електронски пораки во кои се тврдеше дека во објектите се поставени експлозивни направи.
Пораките пристигнале околу 07:10 часот, веднаш пред почетокот на наставата, што предизвикало брза реакција на училиштата. Учениците и вработените биле итно евакуирани, а вратите на објектите останале затворени додека траеја безбедносните процедури.
На терен веднаш излегле полициски екипи, заедно со специјализирани единици, кои започнале детални проверки во сите пријавени училишни објекти. Од загрепската полиција засега соопштуваат дека увидите се во тек и дека дополнителни информации ќе бидат објавени по нивното завршување.
Наставата во погодените училишта не започнала, а целата ситуација ја наруши утринската рутина во дел од градот.
Овој инцидент доаѓа само еден ден по сличен бран дојави во Сплитско-далматинската жупанија, каде што околу педесет училишта добија идентични закани. По темелни проверки, сите тие дојави беа оценети како лажни.























