УТРО.мк

Насилни протести во Приштина: 17 лица повредени, полицијата употреби солзавец и водени топови

Насилни протести во Приштина: 17 лица повредени, полицијата употреби солзавец и водени топови
Vero

Протестите во центарот на Приштина прераснаа во насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако не беа ставени на гласање во второ читање измените на Законот за Специјалниот суд, предложени од опозициската Демократска партија на Косово (ПДК).

Демонстрантите вчера се собраа околу Собранието и другите државни институции, барајќи измените да бидат усвоени. Тие претходно беа изгласани во прво читање, но за да стапат во сила потребно е да поминат и второ читање.

Ситуацијата се вжешти поради несогласувањата меѓу владејачкото Движење Самоопределување (ЛВВ) на премиерот Албин Курти и ПДК. Измените не беа ставени на дневен ред за гласање, што предизвика револт кај демонстрантите.

Курти изјави дека неговата партија начелно ги поддржува измените и ги смета за итни, но постави услов пред второто читање да биде избран нов претседател на Косово, со оглед на тоа што уставниот рок за избор истекува денеска.

Демонстрантите фрлаа пиротехнички средства и стаклени шишиња кон Собранието и полицијата, а на околните улици поставуваа барикади. На неколку места биле запалени и контејнери.

Полицијата во текот на ноќта интервенирала со солзавец и водени топови, а по повеќечасовните судири успеала да ги потисне демонстрантите од плоштадот „Скендербег“.

Демонстрантите потоа биле потиснати кон плоштадот „Захир Пајазити“, додека полицијата ги блокирала пристапите кон просторот пред Собранието.

Во протестите и судирите биле повредени 17 лица – 11 демонстранти и шест полицајци. Сите се здобиле со полесни повреди, биле медицински згрижени и пуштени.

Полицијата привела и тројца учесници во протестите.

Измените на Законот за Специјалниот суд беа усвоени во прво читање, а меѓу предложените промени е и максимална затворска казна од 15 години, како и можност казните да се издржуваат на Косово.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран