Пред Универзитетската општа болница „Атикон“ во Атина утрово дојде до жесток судир меѓу полицијата и група лекари и здравствени работници, кои протестираа за време на посетата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Според грчките медиуми, демонстрантите се собрале пред болницата барајќи средба со премиерот и итни мерки за подобрување на условите во јавниот здравствен систем. Тие предупредиле на долгогодишен недостиг од персонал, ниски плати и пренатрупани болнички одделенија, што, како што велат, директно ја загрозува здравствената грижа.
Тензии настанале кога дел од демонстрантите се обиделе да ја пробијат полициската барикада, по што полицијата употребила палки и хемиски средства за растерување на толпата. Повеќе лица биле полесно повредени, а синдикатите обвинија за прекумерна употреба на сила.
Мицотакис ја посетил болницата по повод отворањето на нова онколошка единица и реконструираниот оддел за итни случаи. Од владата засега нема официјален коментар, но Министерството за здравство соопшти дека „се работи на системски подобрувања“ и дека „дијалогот со здравствените работници ќе продолжи“.
Ова е уште еден во низата протести на медицинскиот персонал во Грција, кој со месеци бара конкретни мерки и трајни решенија за стабилизирање на јавниот здравствен систем.