Србија со измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување воведува нови поволности за мајките, кои ќе добијат право на посебен стаж што директно ќе влијае врз висината на нивната пензија.
Мајките со едно или две деца ќе можат да добијат шест месеци или една година дополнителен стаж од 2032 година, додека оние со три или повеќе деца веднаш ќе имаат право на уште две години стаж. Иако овој стаж не е услов за пензионирање, тој се вклучува во вкупниот работен стаж и ја зголемува конечната пресметка на пензијата.
Пример за тоа е жена со 30 години стаж, која со оваа мерка ќе се смета дека има 32 години работен стаж, што резултира со поголем месечен износ на пензија. За користење на правото, мајките ќе треба да поднесат барање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Со оваа реформа, Србија се приклучува кон праксата на повеќе европски земји што го вреднуваат родителскиот труд во пензискиот систем. Во Германија, на пример, уште од 2014 година постои таканаречена „пензија за мајчинство“ (Mütterrente), која им обезбедува дополнителни години стаж на мајките на деца родени пред 1992 година, а слични поволности постојат и во Австрија, Франција и Шведска.