
Поранешниот косовски претседател и поранешен политички лидер на ОВК, Хашим Тачи, е прогласен за виновен и осуден на единствена казна од 25 години затвор.
Според пресудата, Тачи е осуден за четири кривични дела поврзани со сурово постапување, мачење и убиство како воено злосторство, за кои во постапката биле опфатени 96 жртви. За дел од обвинителните точки е ослободен, бидејќи судскиот панел оценил дека не биле докажани.
На 25 години затвор е осуден и Јакуп Красниќи, додека Кадри Весели доби единствена казна од 18 години затвор. Реџеп Селими е осуден на 13 години затвор.
Судот при одмерувањето на казните ги земал предвид тежината на кривичните дела и нивните последици, природата и степенот на учеството на обвинетите, нивните лични околности, како и другите отежнувачки и олеснителни околности.
Претседателот на судскиот панел посочи дека злосторствата опфатени со предметот биле извршени во 14 општини во Косово, како и на одредени локации во две области во северна Албанија.
Според образложението на судот, припадници на ОВК апселе и произволно лишувале луѓе од слобода, ги подложувале на суров и нечовечки третман и тортура, а во одредени случаи и ги убивале.
Во текот на образложувањето на пресудата, претседателот на судскиот панел ја нагласил сериозноста на делата и последиците врз жртвите, особено кога станува збор за тортурата, нечовечкиот третман и убиствата.
Судот во продолжение ги изрекува и пресудите за останатите обвинети во предметот.

















