На граничниот премин „Капитан Андреево“ во Бугарија е извршена досега најголемата заплена на кокаин во историјата на земјата – 206 килограми со проценета вредност од 20 милиони евра. Дрогата била скриена во пет куфери меѓу личен багаж во комбе со белгиски таблички, управувано од бугарски државјанин.
Според бугарското Обвинителство, уапсени се три лица – дипломат од Демократска Република Конго, 54-годишен државјанин на Белгија и 43-годишен Бугарин. Сите се осомничени за обид да пренесат кокаин кој бил наменет за Белгија.
„Капитан Андреево“ се смета за еден од клучните транзитни премини за криумчарење дрога кон Западна Европа. Веднаш по откривањето на пратката, покрената е меѓународна истрага во координација со агенции од Европската унија.
Окружниот обвинител Иван Стојанов информираше дека на уапсените им се заканува казна затвор до 20 години, доколку бидат прогласени за виновни. Истражните органи работат на откривање на пошироката мрежа зад обидот за шверц.