
Интерпол објави црвена потерница за Милош Меденица, син на поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица, откако беше осуден на 10 години и два месеца затвор за создавање криминална организација. Потерницата е јавно објавена на официјалната веб-страница на Интерпол, на барање на Управата на црногорската полиција.
Како што соопштија надлежните, Генералниот секретаријат на Интерпол во Лион издал јавна меѓународна потерница за 39-годишниот црногорски државјанин, роден во Колашин. Потерницата е распишана врз основа на наредба на Вишиот суд во Подгорица и со согласност на Министерството за правда на Црна Гора.
Од Управата на полицијата информираат дека Канцеларијата на Интерпол во Подгорица ја иницирала меѓународната потерница во четврток, откако судската наредба и согласноста од Министерството за правда биле доставени истиот ден.



























