
Европската Унија, повторно, се покажа како инертен и бирократски гигант што реагира дури кога проблемите ескалираат. Наместо да ги предвиди предизвиците и да ги реши навреме, Брисел нуди ад хок решенија – и сега истата судбина ја очекува новата шенгенска регулатива ЕТИАС.
Проблемот со блокадата на границите од страна на професионалните возачи од Западен Балкан е само најновиот пример. Долги колони, системи што паѓаат и години на предупредувања од самите превозници – сето тоа, сепак, не го натера европскиот апарат да реагира однапред. Дури кога земјите членки почнаа да трпат големи финансиски загуби, Брисел „се сети“ да бара решение.
„Секое лето одам на одмор во Истра. Чекорев на Бајаково и чекав и по шест часа. Сега замислете го тоа со дополнително фотографирање и пополнување формулари – границата ќе се блокира целосно“, сведочи Марко Јеремиќ, српски државјанин.
И не станува збор само за професионалните возачи. Граѓаните веќе се соочуваат со хаосот кој ЕТИАС го најавува. „Сакав да ја завршам обврската за фотографирање порано, кога бев во Грција, но службеникот ми рече дека сè уште не функционира. Ако сега не функционира, прашање е кога ќе профункционира. Шенген-границите ќе бидат колапс во лето“, додава Петар Стојчевски од Скопје.
Клучниот проблем е во тоа што Западен Балкан не е надворешна граница на ЕУ, туку географски и инфраструктурно е дел од Европа. Регионoт е внатре во коридорите на заедничкиот пазар, поврзан со транспортот, трговијата и енергетиката. Граѓаните од овие земји веќе се движат низ „европски простор“, а не преку класични надворешни граници. Сепак, воведувањето на ЕТИАС создава чувство на дополнителна бариера и дистанца.
Ограничувањето на престојот на професионалните возачи од Западен Балкан веќе предизвика блокирани гранични премини и нарушени синџири на снабдување. Наместо да го олесни движењето на луѓе и стоки, новата регулатива го комплицира секојдневието.
Се поставува прашањето: Дали Брисел ја разбира реалноста на теренот? Дали проширувањето на шенгенските правила навистина ја зајакнува Унијата или само ги продлабочува фрустрациите и го блокира транспортот и економијата?



























