
Цените на скапоцените метали денеска бележат значителен пад, што ја прекина дивата трка по рекордниот раст од претходните денови. Златото се намали за речиси 6 проценти, додека среброто и платината се срушија за повеќе од 10 проценти. Причината: растот на доларот, поттикнат од најавата дека претседателот Доналд Трамп ќе го номинира Кевин Ворш за шеф на Федералните резерви.
Ворш, поранешен гувернер на ФЕД и познат како „јастреб“ во борбата против инфлацијата, последниве месеци се приклони кон Трамп и јавно поддржува ниски каматни стапки. Самата најава ја активираше корекцијата на пазарите, која, според аналитичарите, всушност беше неизбежна. „Пазарот едноставно чекаше повод за да се врати од параболичниот скок“, објаснува Кристофер Вонг, стратег во Oversea-Chinese Banking Corp.
Техничките индикатори дополнително предупредуваа дека златото и среброто се прекупени. Индексот на релативна сила (RSI) за златото се искачи на 90 – највисокото ниво во последните децении – сигнализирајќи дека е потребна корекција. Дури и по денешниот пад, златото бележи раст од околу 17 проценти само во јануари, приближувајќи се кон најголемиот месечен скок од 1980 година, додека среброто порасна за импресивни 43 проценти.
Глобалната нестабилност исто така ја турка цената на благородните метали. Политичките потези на администрацијата на Трамп – од апсењето на венецуелскиот лидер, преку заканите за анексија на Гренланд, до воведувањето царини против сојузници – создадоа клима на несигурност. Дополнителна тензија предизвикаа и заканите за војна со Иран и притисокот врз земјите кои снабдуваат нафта на Куба.
Сепак, делумна стабилност се појави со избегнувањето на ново затворање на американската влада, откако Трамп и демократите постигнаа привремен договор. Преговорите за имиграциските квоти продолжуваат, но засега без поголеми потреси на пазарот.



























