
Европскиот пат на Црна Гора се соочува со нова пречка откако нерешените билатерални прашања со Хрватска го забавија затворањето на преговарачките поглавја. Подгорица и понатаму има амбиција да стане членка на Европската Унија до 2028 година, но роковите се сè пократки.
Брисел во вторникот ја одложи планираната меѓувладина конференција со Црна Гора, откако Загреб повторно се спротивстави на затворањето на дел од поглавјата поради нерешените прашања меѓу двете земји.
Црна Гора досега има отворено 33 преговарачки поглавја, од кои 18 се привремено затворени. Во јули Европската комисија потврди дека се затворени уште две поглавја – за конкурентност и царинска унија.
Хрватска бара од Подгорица да постигне напредок во повеќе прашања поврзани со минатото и билатералните односи. Меѓу барањата се обесштетување на поранешните затвореници од воените логори, продолжување на потрагата по 14 лица кои се водат како исчезнати од Татковинската војна, процесуирање на воените злосторства и решавање на имотно-правните спорови на хрватски семејства во Црна Гора.
Дополнително, Загреб бара промена на името на базенот во Котор кој го носи името на поранешниот ватерполист Зоран Гопчевиќ, продолжување на разговорите за поморската граница, како и враќање на тренинг-бродот „Јадран“.
Хрватска во меѓувреме го блокира затворањето на Поглавјето 14, кое се однесува на транспортната политика. Според актуелните информации, Загреб има резерви и во однос на поглавјата поврзани со надворешната и безбедносната политика, судството и фундаменталните права, како и правдата, слободата и безбедноста.
Двете земји во последните недели водат разговори на министерско ниво, со поддршка од Европската комисија, но засега нема конечен договор.
Нова билатерална средба е планирана во Загреб на почетокот на октомври. Доколку биде постигнат доволен напредок, дополнителни поглавја би можеле да бидат затворени на меѓувладина конференција закажана за 12 или 13 октомври.
И покрај застојот, Европската комисија и понатаму го оценува напредокот на Црна Гора како значаен. Комесарката за проширување Марта Кос изјави дека земјата би можела да стане членка на ЕУ до 2028 година и доколку не ги затвори сите поглавја во текот на 2026 година, но тогаш брзината на ратификацијата на пристапниот договор во сите земји-членки ќе биде особено важна.
Хрватската страна, пак, официјално порача дека решавањето на отворените прашања е неопходно за завршување на пристапните преговори и повика на забрзување на дијалогот со Подгорица.















