Полицијата на Косово, во соработка со Агенцијата за разузнавање (АКИ) и Јавното обвинителство, денес го уапси аналитичарот Фатмир Шехоли под основано сомнение за шпионажа во корист на Република Србија.
Министерот за внатрешни работи, Џелал Свечла, изјави дека случајот ќе се третира со највисок институционален сериозитет, бидејќи претставува едно од најтешките дела против безбедноста и уставниот поредок на Косово. „Времето на српските шпиони во Косово заврши. Секој што работи за Србија, а против Косово, ќе биде гонет без компромис“, напиша Свечла на Фејсбук.
Според обвинителството, против Шехоли е поднесено обвинение за кривично дело шпионажа, а по апсењето тој бил приведен пред Основниот суд во Приштина, каде му е определен привремен притвор.
Во рамките на истрагата, полицијата запленила електронски уреди, документација и други материјали кои ќе се користат како докази. Властите истакнуваат дека истрагата продолжува и дека нема привилегирани лица над законот.