Гувернерот на руската област Белгород, Вјачеслав Гладков, издаде предупредување за можни прекини на струја по наводен украински ракетен напад, истовремено обвинувајќи ги локалните медиуми за „дестабилизација на ситуацијата“, објави Kyiv Post.
Белгородската област, која граничи со украинските региони Луганск, Харков и Суми, често е поприште на судири, вклучувајќи и повремени копнени напади што започнаа во мај 2023 година.
Гладков преку Telegram објави дека околу 19 часот локално време активирана е противвоздушната одбрана, а делови од градот и околните населби претрпеле материјална штета: разбиени прозорци, оштетени кровови и фасади, како и оштетени возила. Тој предупреди и на можни краткотрајни прекини на електричната енергија.
Меѓутоа, руското Министерство за одбрана во дневниот извештај истовремено не пријави ракетни напади, туку само обиди со дронови.
Локалниот Telegram канал Pepel потврди делумни прекини на струјата, но истакна дека дел од мерките биле превземени за да се намали оптоварувањето на енергетските објекти. Гладков, пак, го обвини каналот за ширење вести кои „дестабилизираат“ и го стави на списокот на непожелни канали.
Pepel возврати обвинувајќи го гувернерот дека го прикрива вистинскиот обем на штетата од нападите и објави фотографии кои наводно покажуваат штета на термоелектраната Luch на 6 октомври, поради што се јавија прекини на струја.
Гладков подоцна објави ново ажурирање за украински напад со дрон во раните утрински часови, додека Министерството за одбрана на Русија тврди дека биле соборени 15 дронови во регионот.