
Недостигот на авионско гориво сериозно се заканува да ја наруши туристичката сезона во Хрватска, во момент кога земјата се подготвува за најважниот дел од годината – летните месеци кога милиони туристи пристигнуваат на Јадранот.
Според анализите, проблемот со керозинот не е изолиран само на Хрватска, туку е дел од поширока европска криза, каде што резервите се на критично ниско ниво. Во некои земји, залихите се доволни за само 8 до 10 дена, додека повеќето не би можеле да издржат подолг период на прекин во снабдувањето
Главната причина за кризата е зависноста од увоз на авионско гориво од Персискиот Залив, од каде Европа обезбедува околу 43% од потребите. Ситуацијата дополнително се влошува поради геополитичките тензии и проблемите со транспортните рути, особено во Ормускиот теснец, што го отежнува снабдувањето.
Експертите предупредуваат дека ако не се обезбедат нови количини гориво во наредните недели, може да дојде до сериозни последици: од одложување и откажување летови, па сè до привремено приземјување на дел од авиофлотите. Некои авиокомпании веќе сигнализираат дека цените на билетите ќе растат, а достапноста на летови ќе се намалува.
За Хрватска, која силно зависи од туризмот, ова претставува сериозен ризик. Секое нарушување на авиосообраќајот директно значи помал број туристи, пократки престои и економски загуби за угостителскиот и туристичкиот сектор.
Дополнително, дури и ако кризата се стабилизира, враќањето на нормалното снабдување нема да биде брзо. Потребни се недели, па дури и месеци за транспорт на нови количини гориво, што значи дека ефектите може да се почувствуваат и во текот на целата сезона.























