
Политичката карта на Унгарија доживува драматичен пресврт, откако по пребројување на речиси 46 проценти од гласовите, опозициската партија Тиса на Петер Маѓар обезбедува убедливо водство и веќе се проектира дека ќе освои уставно мнозинство во парламентот.
Според првичните резултати, Тиса е на пат да освои околу 135 од вкупно 199 пратенички места, што е доволно за двотретинско мнозинство. Доколку овие бројки се потврдат, тоа ќе значи дека партијата ќе може самостојно да носи закони, па дури и да прави измени на Уставот без потреба од коалициски партнери.
Ова претставува историски момент за Унгарија, бидејќи по долгогодишното владеење на Виктор Орбан и неговата Фидес, се отвора можност за целосна промена на политичкиот систем и институционалната поставеност во земјата.
Лидерот на Тиса, Петер Маѓар, веќе им се обрати на граѓаните со порака на благодарност, истакнувајќи дека масовниот одзив на гласачите е јасен сигнал за желбата за промени. „Ви благодариме, Унгарија“, порача тој, алудирајќи на историската поддршка што ја добива неговото движење.
И покрај еуфоријата меѓу поддржувачите на опозицијата, експертите предупредуваат дека пребројувањето сè уште е во тек и дека конечниот резултат ќе зависи од обработката на сите гласови, особено од руралните изборни единици кои традиционално му носат поддршка на Фидес.























