
Бројот на заболени од вирусот Западен Нил во Грција продолжува да расте. Во изминатата седмица биле потврдени уште 23 нови случаи, со што вкупниот број на регистрирани инфекции од почетокот на сезоната достигна 65. Досега се пријавени и шест смртни случаи.
Според најновите податоци на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), кај најголемиот дел од заразените е забележана потешка клиничка слика. Дури 54 пациенти развиле симптоми поврзани со зафатеност на централниот нервен систем, меѓу кои енцефалитис, менингитис или акутна парализа.
Кај останатите 11 лица инфекцијата поминала со полесни симптоми или без компликации поврзани со централниот нервен систем.
Сите шест лица кои починале биле постари од 65 години. Нивната просечна возраст била 79 години, при што најмладиот починат имал 66, а најстариот 91 година. Здравствените власти предупредуваат дека повозрасните лица и оние со хронични заболувања се меѓу најризичните групи за развој на тешка форма на инфекцијата.
Во моментов, 20 пациенти се на болничко лекување, додека 38 лица се отпуштени од здравствените установи откако нивната состојба се подобрила.
Најголем број случаи се регистрирани во Атика, поширокиот регион околу Атина, каде што се потврдени 48 инфекции. Уште 13 случаи се регистрирани во Тесалија и во северните делови на земјата, додека за четири случаи сè уште се утврдува местото каде што настанала инфекцијата.
Првиот случај на вирусот Западен Нил во Грција годинава бил регистриран на почетокот на јули. Здравствените власти очекуваат бројот на заболени да продолжи да расте во текот на летото, кога активноста на комарците е најголема.
Вирусот се пренесува преку убод од заразен комарец, а Грција со години се соочува со сезонска појава на инфекции. Особено тешка била 2018 година, кога биле регистрирани 317 случаи и 51 смртен исход.
Грчките здравствени власти ги повикуваат граѓаните да преземаат мерки за заштита од комарци – да користат репеленти, да носат облека што ги покрива рацете и нозете и да избегнуваат места со застојана вода, каде што комарците најлесно се размножуваат.

















