
Европа влегува во предвремено лето под жежок атмосферски притисок каков што метеоролозите ретко бележат во мај. Наместо вообичаените пролетни температури, голем дел од континентот деновиве се соочува со екстремна горештина што повеќе потсетува на јули отколку на крајот од мај.
Над Европа се надвисна таканаречената „топлинска купола“: моќен атмосферски феномен што создава ефект на затворен капак над континентот. Жешкиот воздух останува заробен со денови, без можност за разладување, а последиците веќе се чувствуваат од Пиринејскиот Полуостров до Балканот.
Метеоролошките анализи предупредуваат дека во одредени региони температурите се и до 16 степени повисоки од просекот за овој период од годината. Шпанија, Португалија, Франција и Германија се меѓу најпогодените земји, каде топлотниот бран секојдневно добива на интензитет. Во британската престолнина веќе се измерени 32,3 степени Целзиусови, бројка што ретко се гледа во Лондон уште пред почетокот на јуни.
Жешкиот бран незапирливо се движи и кон Балканот. Прогнозите најавуваат дополнителен раст на температурите во наредните денови, а најкритично би можело да биде во северните и централните делови на регионот, каде живата во термометрите локално ќе надмине и 35 степени.
Синоптичарите предупредуваат дека постои реална опасност последните денови од мај да влезат во климатската историја како едни од најжешките досега измерени. Освен ризикот од суши и зголемена опасност од пожари, експертите алармираат и за сериозни последици врз здравјето на населението.
Долготрајната изложеност на високи температури значително ја зголемува опасноста од топлотна исцрпеност и топлотен удар, особено кај постарите лица, децата и хронично болните пациенти. Лекарите советуваат избегнување директно сонце во најтоплиот дел од денот, внесување повеќе течности и ограничување на физичките активности на отворено.















