
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави значително зголемување на употребата на дронови со долг дострел во нападите врз цели на руска територија.
Зеленски во своето вечерно обраќање изјави дека на украинската армија ѝ е поставена конкретна цел – бројот на дронови со долг дострел што се користат во нападите да достигне околу 1.000 дневно. Според него, досега бројката била околу 300 дронови дневно.
„Постои многу конкретна цел и ние ќе ја исполниме таа задача“, изјави Зеленски, пренесува „Укринформ“.
Тој посочи дека за зголемувањето на нападите било разговарано на состанокот на Врховниот командант. На состанокот, како што наведе, се разговарало и за испораката на оружје и средствата потребни за заштита на Украина од руските воздушни напади.
Зеленски нагласи дека приоритет останува заштитата од руските беспилотни летала „Шахед“, но истовремено Украина планира да ги засили нападите длабоко на руска територија.
„Најважна е нашата заштита од беспилотните летала „Шахед“, како и тоа нашите напади длабоко во руската територија да станат уште почести“, рече украинскиот претседател.
Засега не се наведени дополнителни детали за тоа како и во кој рок би била достигната најавената бројка од 1.000 дронови дневно.

















