Европските разузнавачки служби тврдат дека во последниот период спречиле низа саботажи кои, според нив, биле планирани од Русија. Меѓу целите на заговорите се наводно уривање товарни авиони, труење водоводи, подметнување пожари и напади на инфраструктура, како и активирање прикриени агенти низ континентот.
Разузнавачките извори за „Фајненшл тајмс“ посочуваат дека руската кампања вклучувала експлозивни пратки испратени преку меѓународни курирски служби, кои експлодирале во логистички центри во Велика Британија, Полска и Германија. Според извештаите, секоја пратка имала доволно моќ да урне товарен авион доколку детонацијата се случела за време на лет.
Безбедносните служби велат дека биле спречени и обиди за саботирање преполни патнички возови, подметнување пожари во трговски центри, напади на хидросистеми и брани, како и труење водоводи. Исто така, биле идентификувани лица кои делувале како „заспани“ агенти со зададени мисии за диверзија.
Покрај тоа, земјите во Балтикот се соочиле со прекини на подводни кабли и серија координирани кибернапади, кои западните служби ги гледаат како дел од пошироката кампања.
„Уште не сме свесни колку многу работи се случуваат зад кулисите“, изјави Киир Џајлс од „Чатам хаус“, нагласувајќи дека целосната димензија на руските тајни операции сè уште не е разоткриена.
„Ројтерс“ пренесува дека западните разузнавачки служби забележале „остра ескалација“ на хибридните активности кои, доколку успеат, би можеле сериозно да ја загрозат европската инфраструктура и човечките животи.



























