
Украина одобри извоз на околу 100 беспилотни летала во САД, кои ќе бидат користени во специјална програма за симулација на борбени услови организирана од Пентагон.
Според неофицијални информации, шест украински компании добиле дозвола за испорака на дроновите. Од Киев и Вашингтон засега нема официјална потврда или коментар за договорот.
Паралелно со ова, Украина и САД преговараат за поширока соработка поврзана со украинската индустрија за беспилотни летала, а интерес за тестирање и набавка на украински дронови покажале и други држави.
Украина во изминатиот период склучи договори за беспилотни системи со повеќе европски и блискоисточни земји, а властите во Киев ги олеснија правилата за извоз на оружје, иако контролата врз испораките останува засилена поради војната со Русија.
Дроновите ќе учествуваат во програмата „Drone Dominance“ на Пентагон, натпревар во кој производители на мали борбени беспилотни летала ги тестираат своите системи во услови што треба да ги симулираат реалните бојни полиња.
Во првиот круг од натпреварот победил дрон развиен од украинската компанија „Skyfall“ во соработка со британската компанија „Skycutter“.

















