
Францускиот премиер Себастиен Лекорну најави итно ангажирање на повеќе од 3.000 наставници во училиштата што се соочуваат со недостиг од кадар. Мерката доаѓа по две недели масовни ученички протести со барања за подобри услови во образованието.
Во последниот бран демонстрации низ Франција учествувале 71.500 луѓе. Протестите биле проследени со стотици апсења, тензии и напади врз образовни институции и полициски сили.
Планот на министерот за образование Едуар Жефре предвидува првите заменски наставници да започнат со работа во 114 средни училишта со најголем недостиг од кадар. Нивното распоредување е планирано во периодот од петок до следниот вторник. Во училиштата ќе бидат испратени и стотици членови на помошниот персонал.
Лекорну најави и дополнителни финансиски средства преку амандмани на буџетот за 2027 година, со цел да се обезбеди долгорочно решение за замените на отсутните наставници.
И покрај најавените мерки, протестите продолжуваат. На учениците им се приклучиле и универзитетски студенти, а за наредните денови се најавени нови демонстрации.























