
Американската Федерална управа за воздухопловство нареди запирање на полетувањата на аеродромите низ САД поради проблем во комуникациските системи на контролата на летање.
Мерката не значи целосно затворање на воздушниот простор. Авионите што веќе се во воздух можат да слетуваат, додека полетувањата се запрени до дополнително известување. Меѓународните летови што пристигнуваат ќе се разгледуваат поединечно.
<strong>Техничките екипи го истражуваат проблемот</strong>
Американскиот министер за транспорт Шон Дафи соопшти дека комуникацискиот проблем ги погодил центрите што го контролираат движењето на авионите меѓу аеродромите.
Техничките екипи работат на утврдување на причината, а надлежните најавија дополнителни информации. Наредбата за запирање на полетувањата е донесена од безбедносни причини.
Патници останаа да чекаат на аеродромите без сигурна информација кога ќе можат да го продолжат патувањето. Според сведоштвата што ги пренесува „Скај њуз“, неизвесност има и кај патниците со летови кон Европа.
<strong>Побарани уште 30,1 милијарда долари за модернизација</strong>
Истиот ден, Белата куќа и Министерството за транспорт побараа од Конгресот дополнителни 30,1 милијарда долари за модернизација на системот за контрола на летање.
Барањето следува по претходно одобрените 12,5 милијарди долари во јули минатата година.
Средствата се наменети за обновување на телекомуникациската мрежа, компјутерската опрема и софтверот, како и за подобрување на контролните кули и аеродромската инфраструктура.
Засега не е објавен потврден термин за продолжување на полетувањата.























