Американскиот сенатор Линдзи Греем отворено ја поддржа новата стратегија на претседателот Доналд Трамп, според која Владимир Путин има рок од 50 дена да постигне мировен договор за Украина, во спротивно ќе следат драстични царини и санкции.
„Ако сте земја што купува евтина руска нафта и ја финансира Путиновата воена машинерија, сфатете ја заканата на Трамп сериозно“, изјави Греем, потенцирајќи дека т.н. „секундарни царини“ би можеле сериозно да го погодат рускиот извоз на енергенси, особено кон Кина и Индија.
На прашањето што би се случило доколку Путин го игнорира ултиматумот, сенаторот одговори со жестока реторика:
„Ако некој се прашува што следува 51-от ден, нека го праша ајатолахот“, алудирајќи на неодамнешните воздушни напади на САД врз ирански нуклеарни цели со бомбардери B-2. Иран е клучен сојузник на Русија во војната во Украина, со директни испораки на оружје и помош во развојот на дронови и ракети.
Москва го отфрла ултиматумот
Русија, пак, со потсмев ги дочека изјавите од Вашингтон. Извори од Кремљ за агенцијата Reuters велат дека претседателот Путин нема намера да одговори на заканите од Трамп, туку ќе продолжи со воените операции во Украина, кои траат веќе речиси три и пол години.
Во изминатите денови, Трамп најави дека во отсуство на договор, САД ќе воведат 100% царини на руски производи, како и санкции за сите држави што купуваат руски енергенси. Ова се закани кои директно би ги погодиле Кина, Индија, Турција и други економии кои не се приклучија на западните санкции.
Иако од Кремљ велат дека ултиматумот ќе биде игнориран, анализите покажуваат дека новиот пристап на Трамп – со јасни рокови и економски притисок – би можел да го засили меѓународниот притисок врз Москва, особено преку влијание врз сојузничките економии.