
Американскиот претседател Доналд Трамп упати нови закани кон Канада, овој пат поради мостот Горди Хау, кој треба да ги поврзе Детроит и Виндзор, Онтарио. Трамп во својата објава на платформата Truth Social, порача дека нема да дозволи отворање на новиот меѓународен мост сè додека САД не бидат „целосно компензирани“ и додека Канада не се однесува „со почит и праведност кон американските интереси“. Тој најави дека веднаш ќе започнат „преговори“ околу ова прашање.
Мостот, долг 1,5 милји и вреден над четири милијарди долари, е именуван по легендарниот канадски хокеар Горди Хау. Проектот е целосно финансиран, изграден и управуван од канадската влада, но ќе биде во заедничка сопственост со државата Мичиген, според договорот од 2012 година. Според истиот договор, металните конструкции мора да бидат произведени во САД или Канада, а ниту една од земјите не смее да биде фаворизирана.
Градоначалникот на Виндзор, Дру Дилкенс, остро реагираше на објавата на Трамп: „Тоа е едноставно лудо. Навистина не можам да верувам што читам.“
Интересно е што Трамп претходно, за време на својот прв мандат, го поддржуваше мостот. Во 2017 година, заедно со тогашниот канадски премиер Џастин Трудо, го нарече мостот витална економска врска меѓу двете земји.
Сенаторката од Мичиген, демократката Елиса Слоткин, предупреди дека евентуалното стопирање на проектот би имало „сериозни економски последици“ за државата. „Претседателот ги казнува луѓето од Мичиген за трговската војна што ја започна. Канада е наш пријател, а не непријател“, истакна таа.























