
Во Пекинг се одржа високопрофилна средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг, во обид да се ублажат растечките тензии меѓу двете најмоќни економии во светот. Разговорите, проследени со свечен воен протокол пред Големата сала на народот, се одвиваа во атмосфера на внимателно режирана дипломатија, но со јасно присутни геополитички напрегања во позадина.
Двајцата лидери се појавија насмеани пред камерите, разменија ракување и официјални поздрави со делегациите, испраќајќи порака за отвореност и подготвеност за дијалог. Но зад церемонијалниот сјај, агендата на разговорите откриваше комплексен сплет на несогласувања што со години го оптоваруваат односот Вашингтон-Пекинг.
Во фокусот беа трговските односи и технолошката конкуренција, но и чувствителни безбедносни прашања како Тајван, војната во Украина и ескалациите на Блискиот Исток. Според информации од кинеските државни медиуми, дискусиите опфатиле и пошироки глобални теми, вклучително и стабилноста на енергетските и трговските текови.
Ши Џинпинг испрати порака дека двете земји треба да ја надминат логиката на ривалство и да се движат кон модел на „партнерство“, нагласувајќи дека стабилните билатерални односи се клучни не само за нив, туку и за светскиот поредок. Тој ја истакна соработката како пат кон заемна корист, додека конфронтацијата ја претстави како ризик со глобални последици.
Трамп, од своја страна, настапи со помирлив тон, оценувајќи ја посетата како позитивен сигнал и изразувајќи уверување дека односите меѓу двете држави имаат потенцијал да достигнат највисоко ниво досега. И покрај оптимистичката реторика, суштинските разлики останаа очигледни.
Најделикатното прашање повторно се покажа Тајван, кој Пекинг го смета за клучен национален интерес. Кинеската страна предупреди дека погрешен пристап кон ова прашање би можел сериозно да ги наруши билатералните односи, па дури и да предизвика отворен конфликт. Во исто време, САД остануваат негов најзначаен безбедносен партнер, иако формално не ја признаваат независноста на островот.
Паралелно со политичките теми, економската димензија на средбата доби конкретни сигнали. Кина, како гест на добра волја, ги обнови извозните дозволи за голем број американски погони за преработка на говедско месо, потег што опфаќа стотици објекти и значаен дел од претходно активниот извозен капацитет.
Средбата се одвива и во поширок контекст на американски очекувања Кина да преземе поактивна улога во смирување на глобалните кризи, особено на Блискиот Исток и околу Иран, каде што нестабилноста има директни последици врз енергетските пазари и меѓународната безбедност.
Освен традиционалните теми, на маса се најдоа и прашања поврзани со вештачката интелигенција, технолошкиот развој и растечката стратешка конкуренција меѓу двете сили, кои сè повеќе ја дефинираат новата глобална рамнотежа.
Посетата на Трамп е прва ваква настан на ниво на американски претседател во Пекинг по речиси десет години, а официјалната програма вклучува и државен банкет и продолжување на разговорите следниот ден.
















