
Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, денеска ќе реализира посета на Крушево и Битола, во рамки на активности посветени на приближување на европските политики и процесот на евроинтеграции до локалните заедници, како и одбележување на Денот на Европа.
Првиот дел од агендата е резервиран за Крушево, каде Рокас ќе одржи работни средби со градоначалникот Нико Чонески и со членовите на општинскиот совет. Во фокусот на разговорите ќе бидат ефектите од процесот на пристапување кон Европската Унија, како и конкретните резултати од европската финансиска поддршка што се одразува врз локалниот развој и секојдневието на жителите.
Во Крушево е предвидена и средба со претставници на граѓанскиот сектор, по што амбасадорот ќе учествува во отворен дијалог со граѓани, на кој ќе се дискутираат европските политики и нивното влијание на локално ниво.
Вечерната програма ќе се пресели во Битола, каде Рокас ќе го отвори музичкиот настан по повод Денот на Европа, што ќе се одржи на платото кај Офицерскиот дом. На сцената се најавени настапи на бендот Funk Shui и диџеј Dejan Dex, како дел од прославата што ја организира Делегацијата на ЕУ.
Одбележувањето на Денот на Европа во 2026 година се реализира под мотото „Наша Европа. Посилни заедно“, а програмата е координирана од Делегацијата на Европската Унија, мрежата на Јуроп Хаус и амбасадите на земјите членки. Во организацијата се вклучени и Министерството за европски прашања и локалните самоуправи, кои учествуваат во настаните што се одвиваат низ земјата во текот на мај.
















