
Шпанија се подготвува за една од најобемните мерки за регулирање на статусот на мигранти во последните години, со план да им овозможи легален престој на стотици илјади луѓе кои веќе живеат и работат во земјата. Владата предводена од Педро Санчез го оправдува потегот како неопходен чекор за економската стабилност и општествената кохезија, нагласувајќи дека овие лица одамна се дел од секојдневието во шпанското општество.
Според предложените мерки, кандидатите ќе можат да аплицираат за едногодишна дозвола за престој, со можност за нејзино продолжување. Условите вклучуваат доказ за најмалку пет месеци престој во земјата, како и отсуство на криминално досие. Процесот на аплицирање е предвидено да трае од средината на април до крајот на јуни.
Владата проценува дека ваквата одлука ќе помогне во справување со недостигот на работна сила и ќе придонесе за одржување на јавните услуги. Премиерот истакнува дека мигрантите веќе имаат значајна улога во економијата и придонеле за развојот на модерна и разновидна Шпанија.
Сепак, иницијативата предизвика остри реакции од опозицијата. Конзервативната Народната партија најави дека ќе се спротивстави на мерката, оценувајќи ја како погрешен сигнал кој може да поттикне нови нерегуларни миграции.
Податоците од истражувачкиот центар Функас укажуваат дека во земјата моментално живеат околу 840.000 лица без регулиран статус, при што најголемиот дел од нив доаѓаат од Латинска Америка. Историски гледано, вакви процеси не се новина – и левичарските и десничарските влади во Шпанија во минатото спроведувале слични легализации, вклучително и онаа од 2005 година, кога повеќе од половина милион луѓе добија дозвола за престој.























