
Сè поизразена е дебатата во Европа околу иднината на сопствената безбедност и можноста континентот да изгради поавтономен одбранбен систем, кој би се потпирал на постојните капацитети на НАТО, но со значително намалена зависност од САД, пренесува „Волстрит џурнал“.
Идејата за она што неформално веќе се нарекува „европско НАТО“ добива на тежина во безбедносните кругови, особено по сигналите од Берлин дека Германија е подготвена да го преиспита досегашниот модел во кој клучната безбедносна гаранција доаѓа од Вашингтон. Овој зафат претставува сериозен одмак од долгогодишната европска пракса на потпирање на американскиот „безбедносен чадор“.
Зад затворени врати, во рамки на самата алијанса, веќе се водат неформални разговори за редизајн на улогите и одговорностите. Фокусот е насочен кон поголема вклученост на европските офицери во командните структури, како и кон постепено пополнување на празнините што би настанале доколку САД го намалат своето присуство. Целта, велат иницијаторите, не е создавање паралелен воен сојуз, туку зачувување на оперативната способност и кредибилитетот на одвраќањето, особено во однос на Русија.
Политичките тензии меѓу Вашингтон и европските престолнини, засилени од повторените изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за можно дистанцирање од НАТО, дополнително ја забрзаа оваа дискусија. Во меѓувреме, генералниот секретар на алијансата, Марк Руте, оцени дека идниот НАТО сè повеќе ќе биде обликуван и воден од европските членки.
Најсилниот поттик за промени, сепак, доаѓа од Германија. Канцеларот Фридрих Мерц наводно ја преиспитува долгорочната стратегија на прекумерна зависност од САД, додека министерот за одбрана Борис Писториус инсистира дека НАТО останува незаменлив, но со јасна потреба Европа да преземе поголем дел од товарот.
Сепак, предизвиците се далеку од мали. Клучни отворени прашања се командувањето со системите за воздушна и ракетна одбрана, воспоставувањето сигурни логистички правци кон источниот дел на континентот и замената на американските разузнавачки и сателитски капацитети. Како дел од пошироката трансформација, некои земји дури ја разгледуваат и можноста за враќање на задолжителниот воен рок, како и засилување на заедничкото европско производство на оружје.
Посебна тешкотија претставува прашањето за нуклеарното одвраќање. Европските лидери сè почесто дискутираат за проширување на француско-британскиот нуклеарен штит кон останатите членки на Унијата, тема која веќе била предмет на разговори меѓу Емануел Макрон и Фридрих Мерц.























