
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, го осуди новиот израелски напад врз Либан, оценувајќи го како „сурово кршење на меѓународното право“. Во серија објави на социјалната мрежа X, Санчез директно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за најжестоката офанзива против Либан од почетокот на конфликтот.
„Секој живот е важен, а непочитувањето на меѓународното право е неприфатливо“, порача Санчез, нагласувајќи дека меѓународната заедница не смее да молчи пред вакви дејствија.
Шпанскиот премиер исто така повика на итни мерки од страна на Европската Унија, барајќи суспензија на Договорот за асоцијација со Израел од 1995 година, кој го регулира трговското и политичкото партнерство меѓу ЕУ и Тел Авив.























