
Во неколку источноевропски земји беше откриена тајна мрежа која регрутира локални жители за извршување саботажи и дестабилизирачки активности во други делови на Европа, во интерес на Кремљ, објави „Укринформ“.
Според украинските власти, Центарот за борба против дезинформации при Советот за национална безбедност и одбрана на Украина предупредува дека жителите од Молдавија, Бугарија, Србија и соседните држави се таргетирани со „примамливи“ понуди: 300 до 500 долари и двонеделно патување со рекреативни активности. Но, вистината е далеку од овие ветувања.
Регрутираните, наместо на одмор, завршуваат во специјализирани кампови за обука каде ги учат управување со дронови, употреба на запаливи средства и техники за справување со полицијата за време на протести. Инструкторите во овие кампови се поврзани со поранешната руска приватна воена компанија „Вагнер“, која е позната по своите оперативни акции во конфликтни зони.
По завршувањето на обуката, овие лица се распоредуваат низ различни европски држави за спроведување „хибридни напади“ и саботажни операции. Експертите предупредуваат дека со користење на ветерани од „Вагнер“, Москва не само што го пренесува своето борбено искуство во странство, туку и минимизира ризик од директна инволвираност на руските државни сили, додека ги зголемува капацитетите за нарушување на безбедноста во Европа.























