
Во рамки на месецот посветен на водите, ЈКП Водовод – Битола реализираше едукативна презентација со цел подигнување на свеста за значењето на водата и нејзината улога во секојдневниот живот.

Учениците имаа можност подетално да се запознаат со процесот на водоснабдување – од зафат на сирова вода, па сè до нејзина дистрибуција до домаќинствата. Воедно, беше презентиран и начинот на обработка и прочистување на водата, како и методите за контрола на нејзиниот квалитет преку соодветни лабораториски анализи.
Од претпријатието истакнуваат дека ваквите активности се од особена важност за едукација на младите генерации и за поттикнување одговорен однос кон природните ресурси.

„Со оваа активност сакаме да придонесеме кон поголема свесност за заштита и рационално користење на водните ресурси, бидејќи водата е непроценливо богатство кое треба одговорно да го чуваме и користиме секојдневно“, порачуваат од ЈКП Водовод – Битола.























