Американскиот претседател Доналд Трамп на 7 септември изјави дека е подготвен да премине во „втората фаза“ од санкциите против Русија, што би значело заострување на економскиот притисок врз Москва и нејзините партнери поради војната во Украина.
„Да, сум“, одговори Трамп на прашање на новинар во Белата куќа дали е подготвен за ваков потег, без да открие детали што би вклучувала новата рунда мерки.
Трамп е фрустриран од фактот што не успеа да ги запре борбите во Украина, иако по стапувањето на функцијата во јануари најавуваше брзо решавање на конфликтот. Неговата изјава следува по претходните коментари од 3 септември, кога се пофали со воведувањето „казнени тарифи“ кон Индија, еден од најголемите купувачи на руска енергија.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент предупреди дека САД и Европската унија разгледуваат можност за воведување нови „секундарни тарифи“ против земјите што купуваат руска нафта, со цел дополнително да се ослаби руската економија и да се притисне претседателот Владимир Путин да седне на преговарачка маса.
Во меѓувреме, специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, оцени дека рускиот напад врз владината зграда во Киев е доказ за ескалација на конфликтот и отсуство на волја за дипломатско решение. „Историјата покажува дека ваквите акции можат да излезат од контрола. Затоа претседателот Трамп работи на запирање на оваа војна“, изјави Келог.
САД веќе воведоа повеќе економски и трговски ограничувања против Русија, но новата рунда санкции може да биде најостриот чекор досега.