Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека западните војници распоредени во Украина ќе се сметаат за легитимни цели на руските напади.
– Доколку таму се појават какви било војници за време на воените операции, тие ќе бидат легитимни цели за уништување – рече Путин на економски форум во Владивосток, додавајќи дека нема смисла од нивно присуство ако се постигне мировен договор.
Изјавата следува по најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека 26 земји се обврзале да обезбедат безбедносни гаранции за Украина, преку копнени, морски и воздушни сили. Франција и Велика Британија се меѓу нив, додека Германија најави зголемување на трошоците за обука и вооружување, но испраќање трупи ќе разгледа дури по дефинирање на мировните услови.
Италија и Полска јасно ставија до знаење дека нема да испраќаат војници, а хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ потврди дека учеството на хрватски трупи никогаш не било опција. Кремљ, пак, оцени дека странските воени контингенти не можат да обезбедат вистински безбедносни гаранции за Украина и дека е потребна директна средба меѓу Москва и Киев.