
Американско-израелскиот конфликт со Иран, и покрај воените загуби и интензивните бомбардирања, можеби му донел политички придобивки на иранскиот режим, оценуваат западни дипломати запознаени со ситуацијата.
Според нив, притисокот од администрацијата на Доналд Трамп придонел за зацврстување на власта во Техеран. Масовните антивладини протести што ја потресуваа земјата пред конфликтот значително стивнале, а умерените политички струи биле потиснати.
Иако Вашингтон се обидува со комбинација од воени акции и дипломатски мерки, вклучително и засилени напади и поморска блокада, Иран не покажува подготвеност за брз договор. Напротив, според анализите, иранското раководство смета дека може да издржи подолг конфликт.
Контролата врз Ормутскиот теснец му дава дополнителна предност на Иран, бидејќи станува збор за клучна рута за глобалната трговија со нафта и други стоки. Секое нарушување на сообраќајот во овој премин има директно влијание врз светската економија.
Во меѓувреме, во САД расте незадоволството од начинот на кој се води конфликтот. Анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани не ја поддржуваат актуелната стратегија, особено поради економските последици.
Експертите оценуваат дека различните интереси – егзистенцијални за Иран и економски за САД – ќе имаат клучно влијание врз понатамошниот тек на кризата и можните преговори.























