
Киев соопшти дека Будимпешта ги вратила средствата и златото кои претходно беа запленети од конвој на украинска државна банка.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на платформата „Икс“ го оцени овој потег како „значаен чекор напред“ во билатералните односи, сигнализирајќи можна смирување на тензиите кои со години се провлекуваат меѓу двете земји.
Според информациите потврдени од украинската страна, станува збор за враќање на 35 милиони евра, 40 милиони долари во готовина, како и околу девет килограми злато, средства кои ѝ припаѓаат на државната банка „Осчадбанк“. Претседателот на банката, Јуриј Кацион, изрази благодарност до унгарските власти, нагласувајќи дека претходното запленување претставувало сериозно прекршување на меѓународните норми и финансиски правила.
Контроверзниот инцидент се случил во почетокот на март во Будимпешта, кога унгарските служби запреле конвој што транспортирал пари и злато на релација Австрија-Украина. Во операцијата биле задржани седум украински државјани, што веднаш предизвика жестока реакција од Киев, кој тогаш го обвини унгарското раководство за незаконско задржување и присвојување на средствата.
Тензиите дополнително беа засилени во период на интензивна изборна кампања во Унгарија, кога тогашниот премиер Виктор Орбан остро ја критикуваше Украина. По политичките промени и изборниот пораз на неговата влада, односот меѓу двете држави, според последните случувања, почнува да покажува знаци на смирување и прагматичен дијалог.
















