Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп поставил нов услов за завршување на војната во Украина – Москва да добие потполна контрола врз Донецката област, објави The Washington Post, повикувајќи се на извори запознаени со разговорот.
Според весникот, Путин предложил Украина да се откаже од делови од Запорожје и Херсон, кои во моментов се делумно под руска контрола, во замена за формално прифаќање на руска власт врз Донецк. Тоа е, како што се наведува, ублажена верзија на претходното барање што рускиот лидер го изнел на самитот во Алјаска во август.
Додека дел од американските функционери го сметаат предлогот за можен „исчекор кон компромис“, европските дипломати го оценуваат како целосно неприфатлив за Киев. „Тоа би значело да им се продава дел од сопствената територија за ништо“, изјавил еден дипломат за весникот.
Американскиот претседател Трамп сè уште не се изјаснил јавно за иницијативата, но по неодамнешната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски изјавил дека „време е да престане убивањето и да се постигне договор“.
Во наредните недели се очекува нова средба меѓу Путин и Трамп во Будимпешта, каде што ќе продолжат разговорите за можен договор.
Во меѓувреме, Киев очекуваше да добие далекусежни ракети „Томахок“, но Вашингтон засега не ја одобри испораката.
И покрај дипломатските напори, линиите на фронтот речиси и да не се промениле во изминатата година, а Русија во моментов контролира околу 20 проценти од украинската територија. Според западни извори, Путин продолжува да се обидува преку дипломатски притисок да го легализира сегашниот статус на окупираните региони.