
Во Германија живеат повеќе од 14 милиони странски државјани, а според најновите податоци од Централниот регистар на странци (AZR) заклучно со 30 ноември 2025 година, Македонија е на 22. место по број на свои државјани кои престојуваат во оваа земја.
Според официјалната статистика, 161.044 македонски државјани се регистрирани како жители во Германија. Оваа бројка ги опфаќа само лицата со македонско државјанство, додека реалниот број лица со македонско потекло е значително поголем, бидејќи дел од иселениците имаат германско државјанство или се родени таму.
Најбројна странска заедница во Германија и понатаму се турските државјани со околу 1,52 милиони луѓе, но веднаш зад нив се Украинците со повеќе од 1,4 милиони, чиј број нагло порасна по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година. Само пред пет години, во Германија живееле околу 135.000 украински државјани.
Меѓу најбројните странски заедници се и државјаните на Романија, Полска, Бугарија и Хрватска, додека Хрватска е на деветтото место со над 414.000 жители во Германија.
Според податоците, вкупниот број странци во Германија изнесува 14.077.867, што претставува околу 16,8 проценти од вкупното население од приближно 83,6 милиони жители.



























