
Нова дипломатска епизода се подготвува на релација Вашингтон–Техеран, но неизвесноста и понатаму доминира. Доналд Трамп најави дека САД испраќаат висока делегација во Исламабад, со цел да се отвори нов круг разговори со Иран. Според најавите, американските претставници треба да пристигнат експресно, уште во текот на вечерта.
Во фокусот на оваа мисија ќе биде потпретседателот Џеј Ди Венс, кој ќе ја предводи делегацијата, потврди Белата куќа. Со него ќе патуваат и блиските соработници на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, добро познати од претходните, неуспешни обиди за приближување на позициите.
Но, додека Вашингтон се подготвува за нов дипломатски обид, од Техеран стигнуваат ладни сигнали. Иранските власти засега не потврдуваат дека ќе испратат свои претставници. Државните медиуми, повикувајќи се на информации објавени и од The Guardian, тврдат дека учество во разговори нема да има сè додека остануваат на сила американските ограничувања.
Клучна точка на спорот останува и ситуацијата во Ормуски Теснец. Според иранската агенција Тасним, продолженото присуство и блокада од страна на американската морнарица ја прави секоја дипломатска иницијатива бесмислена во овој момент.
И покрај затегнатата атмосфера, зад сцената сепак има одредено движење. Во изминатите денови, двете страни размениле пораки преку посредство на Пакистан, што остава мал простор за надеж дека дијалогот не е целосно замрзнат.























