Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес испрати силна порака до европските лидери, нагласувајќи дека Москва „нема намера да ја нападне Европа“, но дека ќе биде подготвена да реагира доколку дојде до ескалација.
Лавров изјави дека Русија е подготвена дури и правно да го документира отсуството на агресивни намери кон Европската Унија и истакна дека Москва со години предлага дијалог за паневропска безбедност. Според него, Русија останува подготвена за разговори „ако партнерите од Европа се подготвени сериозно да седнат на маса“.
„Ние немаме агресивни планови против ниту една членка на НАТО или ЕУ. Подготвени сме да дадеме писмени гаранции во правна форма“, изјави Лавров, пренесува Газета.ру, додавајќи дека таквите гаранции мора да бидат взаемно договорени.
Тој упати критика кон европските влади, кои, како што рече, се однесуваат „отворено милитаристички“, и предупреди дека „доколку Европа избере борба, Русија е подготвена уште сега“.
Изјавите на Лавров доаѓаат по неодамнешните реакции на Кремљ за можните европски воени ангажмани во Украина и за иницијативите за конфискација на руските средства. На 27 ноември, претседателот Владимир Путин во Бишкек изјави дека загриженоста на европските лидери околу „руска инвазија“ е неоснована, повторувајќи дека Москва не планира напад врз ЕУ.



























