Началникот на Генералштабот на либиската армија, Мохамед Ал Хадад, и членовите на неговата придружба загинаа во авионска несреќа што се случи кратко по полетувањето од аеродромот Есенбог во Анкара.
Информацијата ја потврди премиерот на либиската Влада на национално единство, Абделхамид Дбеибах, кој соопшти дека властите се информирани за смртта на Ал Хадад и лицата кои патувале со него.
Според турските медиуми, авионот се урнал на околу два километри од селото Кесикавак, во округот Хајмана. Турскиот министер за правда, Јилмаз Тунч, соопшти дека е отворена истрага за причините за несреќата.
Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, претходно изјави дека контактот со приватниот авион бил изгубен кратко по полетувањето. Тој наведе дека авионот од типот „Фалкон 50“, со регистрација 9H-DFJ, полетал во 20:10 часот на лет за Триполи, а радарскиот контакт бил изгубен во 20:52 часот по локално време.
Според неговите зборови, од авионот била испратена порака за итно слетување во близина на Хајмана, но по тоа комуникацијата целосно прекинала.



























