По години шпекулации и снимки со ниска резолуција, Кина конечно тестираше и јавно го покажа својот екраноплан – експериментална летечка летелица што се движи неколку метри над морето, користејќи го таканаречениот ефект на тло. Уредот, забележан крај брегот на Бохајското Море, веќе е прекрстен во „чудовиште од Бохајското Море“, по аналогија со советскиот „Касписки чудовиште“ од времето на Студената војна.
Иако екранопланите не се новитет – Советскиот Сојуз ги користеше за брз транспорт на војска и оружје со минимална радарска видливост – кинеската верзија претставува јасен технолошки скок. Новата летелица има масивни крила со пловци, V-опашка, аеродинамично тело и странични врати за товар или евакуација. Аналитичарите проценуваат дека би можела да се користи за логистика, спасувачки мисии, поморско извидување, па дури и борба против подморници.
Погон: тајна или иновација?
Сеуште е нејасно што ја движи летелицата. Се шпекулира за млазни мотори, но има и индиции дека користи хибридно-електричен систем, што би ѝ овозможило брзина над 500 километри на час – што ја става пред многу традиционални поморски платформи.
САД одговара со Liberty Lifter
Интересно е што и САД развиваат свој екраноплан – „Liberty Lifter“, наменет за брз транспорт преку Пацификот. За разлика од кинескиот модел, кој би делувал блиску до домашните брегови, американскиот е фокусиран на операции на далечни боишта, што го покажува различниот пристап кон идните конфликти.
Повеќе од технологија – симболика и стратегија
Пораката на Пекинг е јасна: Кина не штеди средства за развој на напредни системи кои би ѝ дале предност во евентуален конфликт, особено околу Тајван. Воените експерти велат дека дури и ако екранопланот не влезе во непосредна употреба, неговото постоење служи како психолошка демонстрација на кинеска амбиција и воено-технолошки капацитет.
„Кина тестира сѐ – од беспилотни подморници до вакви необични платформи – со логика дека барем нешто ќе се покаже како клучно во идниот конфликт“, вели британскиот аналитичар Џастин Бронк.
Во ерата на нови безбедносни закани и нестабилни сојузништва, појавата на „чудовиштето од Бохајското Море“ е уште еден потсетник дека трката за доминација на морето – и воздухот над него – е далеку од завршена.