Израел ја активира „Железната купола“ против балистички ракети поради недостиг од системи „Arrow“
Израелската армија почнала да го користи противракетниот систем „Железна купола“ за пресретнување на балистички ракети, иако овој систем не бил наменет за таков тип закани. Причината, според извештаи на американските медиуми, е недостигот на ракети од системите „Arrow 2“ и „Arrow 3“.
По неодамнешниот ирански напад врз предградијата на Тел Авив, на терен биле пронајдени остатоци од мотор на ракета „Тамир“, што укажува на тоа дека „Железната купола“ била активирана за пресретнување на нападот.
Овој систем, инаку дизајниран за одбрана од ракети со краток дострел, артилериски гранати и беспилотни летала, е ограничен во своите способности кога станува збор за балистички закани поради неговиот максимален дострел и надморска височина. „Железната купола“ може да пресретнува цели на височини до 10 километри и на растојанија до 70 километри, но се работи на негово унапредување.
Според Алијансата за застапување на ракетната одбрана, една ракета „Тамир“ чини околу 100.000 долари. Израел, според истата организација, располага со најмалку 10 оперативни батерии „Железна купола“, од кои секоја се состои од радар, команден центар и три до четири лансери.
Секој лансер може да носи до 20 ракети, што значи дека една батерија има капацитет од 60 до 80 ракети, во зависност од конфигурацијата и теренските потреби.
Активирањето на „Железната купола“ во вакви услови ја покажува комплексноста на актуелната безбедносна состојба и притисокот врз одбранбените ресурси на Израел.