Израел отвора нова стратешка страница во својата одбранбена политика: во следните десет години ќе инвестира околу 350 милијарди шекели, односно приближно 110 милијарди долари, за да ја зацврсти домашната воена индустрија и да ја намали зависноста од странски партнери.
Планот го објави премиерот Бенјамин Нетанјаху на церемонија за промоција на нова генерација пилоти во израелските воздухопловни сили. Тој порача дека целта е јасна – Израел да може самостојно да ги произведува клучните одбранбени системи, без да се потпира дури ни на „пријателски држави“.
Во таа насока, Нетанјаху ја спомена и Германија, посочувајќи дека Берлин, како и други земји, покажува растечки интерес за израелска воена технологија. Истовремено, потсети дека германската влада привремено го суспендираше извозот на оружје кон Израел поради војната во Газа и високите цивилни жртви – потег што внесе напнатост во билатералните односи.
Слични рестрикции, според него, вовеле и други европски држави, па дури и Соединетите Американски Држави, најблискиот сојузник на Израел – нешто што Нетанјаху јавно го критикуваше како сигнал дека државата мора да се потпре на сопствени капацитети.
И покрај политичките тензии, воената соработка меѓу Израел и Германија продолжува да се продлабочува. Само минатата недела двете земји го финализираа договорот за проширување на напредниот ракетен одбранбен систем „Ароу 3“, наменет за пресретнување балистички ракети и заштита од потенцијални закани, вклучително и од Русија.
Според израелските власти, вкупната вредност на договорот – заедно со основното вооружување – изнесува околу 5,7 милијарди евра, што го прави најголемиот извозен договор за оружје во историјата на Израел.



























