
Израелската економија се соочува со сериозен финансиски притисок поради безбедносните мерки воведени во услови на ескалација на конфликтот со Иран. Според проценките на израелското Министерство за финансии, доколку рестрикциите што моментално важат низ целата земја продолжат, штетата за економијата би можела да достигне околу 9,4 милијарди шекели неделно, што изнесува приближно 2,63 милијарди евра.
Ограничувањата, кои ги спроведува Командата на Домашниот фронт на Израелските одбранбени сили, беа продолжени во понеделникот и ќе останат на сила најмалку до сабота навечер. Со нив практично се замрзнува голем дел од секојдневниот живот: забранети се јавни собири, прекинати се образовните активности, а поголемиот дел од работниците не смеат да присуствуваат на своите работни места. Исклучок се само компаниите што работат во наменската индустрија.
Во меѓувреме, од израелското министерство за финансии апелираат за попрагматичен пристап. Генералниот секретар на министерството, Илан Ром, испратил официјално писмо до началникот на Командата на Домашниот фронт, генерал-мајор Шај Клапер, во кое бара постепено олеснување на мерките. Неговото барање е земјата да премине на режим на ограничени активности, што би овозможило постепено и контролирано отворање на економијата уште од следниот ден.
Ром во пораката нагласува дека безбедноста останува приоритет, но предупредува дека целосното запирање на економските текови носи огромни финансиски последици. Според него, потребно е решение што истовремено ќе ја зачува безбедноста на населението и ќе овозможи економијата да продолжи да функционира.























