
Астронаутите од мисијата Артемис 2 успешно се вратија на Земјата, откако нивната капсула слета во Тихиот Океан по историски лет околу Месечината. При повторното влегување во атмосферата, тие достигнале брзина од околу 40.000 километри на час, што е еден од најкритичните моменти од целата мисија.
Екипажот, составен од Рид Вајзман, Кристина Кох, Виктор Гловер и Џереми Хансен, патуваше подалеку во вселената од кој било човек досега, надминувајќи го рекордот поставен за време на мисијата Аполо 13 во 1970 година.
Веднаш по слетувањето, астронаутите биле прегледани од медицински тимови на воен брод, по што биле транспортирани во Вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон. Таму ги очекува период на адаптација, бидејќи престојот во бестежинска состојба влијае врз телото, особено врз мускулната и коскената маса.
И покрај редовните вежби за време на мисијата, научниците посочуваат дека за краток престој во вселената може да дојде до намалување на мускулната маса, но во овој случај последиците се очекува да бидат минимални.
Покрај физичкото закрепнување, астронаутите ќе поминат и низ психолошка адаптација. Тие често истакнуваат дека најмногу ќе им недостига тимската работа и заедничката цел, како и уникатното чувство на поврзаност со Земјата.
По враќањето следуваат и емотивни средби со семејствата, а во наредниот период тие ќе бидат во фокусот на јавноста. Планирана е и официјална посета на Белата куќа, по покана од американскиот претседател Доналд Трамп.
Иако НАСА не открива детали за нивните следни чекори, познато е дека дел од екипажот ќе продолжи со учество во идните мисии од програмата „Артемис“, вклучително и „Артемис 3“ и „Артемис 4“.
Со оваа мисија, човештвото направи нов значаен чекор кон враќање на Месечината, а астронаутите се враќаат како симбол на новата ера на вселенски истражувања.























