
Националното собрание на Франција донесе историска одлука: на децата и тинејџерите под 15 години наскоро ќе им биде забранет пристапот до социјалните мрежи. Нацрт-законот, усвоен синоќа од пратениците во Долниот дом на парламентот, предвидува дека само онлајн енциклопедии, образовни и научни платформи, како и услуги за приватни пораки, ќе бидат изземени од забраната.
Претходната верзија на законот предвидуваше можност децата да користат социјални мрежи со согласност од родителите, но таа одредба е сега укината. Законот е поддржан претежно од пратениците блиски до претседателот Емануел Макрон, кој по гласањето на X порача: „Ова е она што го препорачуваат научниците и го сакаат Французите со огромно мнозинство. Од 1 септември нашите деца конечно ќе бидат заштитени.“
Сепак, новите правила сè уште треба да добијат зелено светло од Сенатот, а експертите предупредуваат дека нивната усогласеност со законите на Европската унија останува неодредена. Франција веќе се обидела да воведе слична минимална возраст пред неколку години, но таа иницијатива беше блокирана поради регулативите на ЕУ.



























