
Финскиот политичар Армандо Мема упати остра критика кон Европската Унија, тврдејќи дека нејзината надворешна политика е исполнета со противречности и двојни аршини. Според него, ЕУ постапува во спротивност со своите декларирани принципи, а вистинските интереси често се губат зад политички формалности.
На социјалната мрежа „Икс“, Мема наведе дека, иако последната рунда разговори меѓу Украина, Москва и Вашингтон била оценета како продуктивна од страна на Киев, претседателот Володимир Зеленски изразил разочараност што Украина повеќе не е централна во приоритетите на САД, особено со оглед на актуелната криза на Блискиот Исток.
Мема истакнува дека Вашингтон веќе ја остварил својата главна цел во украинската криза, прекин на енергетската соработка меѓу Европа и Русија, што ги насочува европските земји кон зависност од американските енергетски компании. Според него, САД не планираат директна воена интервенција во Украина и не сакаат да преземат ризик од судир од пошироки размери.
Критиката на Мема е упатена и кон европските држави, кои, според него, се вклучуваат сè подлабоко во конфликтот без јасна стратегија или конкретна корист. Тој ја оценува актуелната политика на ЕУ како „неуспешна“, особено во контекст на санкциите против Русија, кои сè повеќе ја тресат европската економија.
Енергетскиот аспект е посебно чувствителен, вели Мема. Европа, според него, се откажа од руската нафта со образложение дека Москва ги прекршува меѓународните правила, но во исто време набавува поскапи енергенси од САД, кои се вклучени во воени операции на Блискиот Исток. „Ова е класичен пример за очигледни двојни стандарди“, истакна Мема.























